Промотивна
реч за книгите „Солза и љубов“ и
„Афоризми“ од Соња Ѓурчак
Драги
пријатели на пишуваниот збор; роднини
и пријатели на Соња; пријатели по перо;
драги гости, сите вие што сте тука, ве
поздравувам!
Вашата
и наша Соња Ѓурчак не собира на ова место
да
ги промовираме нејзините две книги -
„Солза
и љубов“ и
„Афоризми“.
Убаво е кога со собираме за вака
благородни поводи. Под овој свод ќе
прозвучат убавите стихови од Соња; ќе
шепотат за љубовта; ќе тагуваат за
родниот крај; ќе зборуваат за верата и
надежта, за човечноста...
„Солзи и љубов“ е прва книга
поезија на нашата и ваша Соња Ѓурчак.
И, тоа морам веднаш да го кажам: прекрасна
книга! Низ педесеттината песни сместени
меѓу нејзините корици, Соња пее за
животот, тој непрегледен и бескраен
океан од копнежи и љубов, радост и тага,
надеж и болка, остварени и неостварени
сни и желби... Со својата поетска
имагинација таа лебди над тој океан и
ги доловува, како бешумниот лет на
пеперутката, така и болниот крик на
ранетото од љубов и тага срце. Ништо не
може да остане незабележено од будното
око на поетесата. Таа го воспева животот
во сите негови манифестации и пројави.
Доминираат мотивите за љубовта во сите
варијанти, судбината, среќата, младоста,
средбите и разделбите, вистината и
лагата, туѓината, копнежот за родната
грутка и неизмерната љубов спрема
мајката, блиските и Македонија, татковината
која вечно живее во нејзиното срце...
Како во животот, така и во песните,
доминира љубовта. Љубовта во сите можни
варијанти – љубовта кон родниот крај,
кон својот сакан, кон татковината, кон
природата...Го среќаваме и мотивот за
туѓината, мотив што е толку чест и во
нашата народна песна.
Има
песни во оваа книга во кои доминира
мотивот за родната грутка, за Македонија,
праисконската татковина на Макдонците.
Носталгијата особено е голема кога
подолго време сме отргнати од родното
огниште. Таков е случајот и со авторката
на овие песни. Ќерка на Македонија која
растела со пенливиот шум на животворните
води, чија душа се напојувала со
милозвучната мелодија на кавалот, чие
срце е полно со љубов кон татковината,
ќе запее:
„Јас тебе и во сон те гледам
зборови, зборови за тебе редам...
Како момински дарови
јас ги чувам
од мисла не сакам да ги губам.“
„Македонија“
Наеднаш навираат спомените...Тие,
спомените, никогаш не стареат. Пред
очите на поетесата блеснува сликата на
Македонија, идилична и чиста како првиот
снег, со бистроводи извори и невидени
убавини. Дали е тоа само привид, или
навистина е така? Како што Константин
Миладинов бараше орелски крилја за
„...во јужни страни“ да си прелетне,
така и од нашата Соња бликнува песната:
„Ајде сега створи ме,
во птица претвори ме,
дома, во родина јас да летнам,
во дворови стари јас да слетам.“
Затоа што:
„Од извори води бистри таму
течат,
мисли мои овде рани печат,
убавина твоја од далеку ме гали
-
нови желби во мене ми пали.“
„Родина“
Има
песни во оваа навидум мала книга со
антологиска вредност. Само би ги спомнал
Писмо
до мајка без адреса,
песна што „...спомени
цветни мајчини буди“, „...спомен од
солза мајчина жешка, спомен како гора
тешка.“ ; потоа Странец,
песна полна со една тага за родната
грутка, но и за отуѓувањето на
човекот...никаде не е свој, прифатен,
секаде е странец. Полна со горчина,
поетесата ќе крикне:
„Не се плашам од далечината,
некој, некој ми ја краде вистината,
се плашам од темнината
на времето.
А јас сум уште
СТРАНЕЦ!“
„Странец“
Во
тој контекст би ја спомнал и песната
Денови.
Мајката,
толку често опеана и отсликана не само
во нашата, македонската литература,
може ли да ја одмине и нашата Соња? Можела
ли да не пее за мајката која толку многу
ја сака и за која толку многу жали! Таа
загрижено, во стилот на Сергеј Јесенин
ја ѝ
пишува на мајка си:
„Дали мајко,
ти пред порти седиш?
Дали мајко,
ти уште песни редиш?
Дали мајко,
уште в пазува топла
чуваш писмо мое?“
Во една таква резигнирана
состојба, загушена од силни емоции,
поетесата ќе кликне:
„Мајко, ќе ти дојдам,
ќе се вратам
и јас овде сама си патам,
со отрови се полнам,
туѓината ја колнам.“
„Дали мајко“
Со слична содржина и порака е и
песната „Мајка“.
Времето и просторот не дозволуваат
една поширока елаборација на песните
од оваа прекрасна книга. Ако треба да
се определам за некоја песна, тешко ќе
се одлучам, оти сите се посебно убави.
Но, за тоа, во некоја друга прилика.
Соња
Ѓурчак умее со зборовите и вешто ги
плете стиховите. Располага со богат
вокабулар, изразот ѝ
е стегнат и сликовит.
Песните
поместени меѓу кориците на оваа убава
книга се збогатени со стилски изразни
средства со што добиваат во својата
експресија и емоционалност.
За
песните се сборува – со песни. Затоа
овој мал, скромен приказ е прошаран со
толку многу стихови и цитати. На толку
мал простор не може да се каже сè
за една толку богата книга. Добронамерниот
читател сам ќе ги оцени нејзините
уметнички стојности. Ние само ги
инициравме основните вредности.
„Солза и љубов“ е книга со
високи уметнички и творечки квалитети
и ќе претставува свеж цвет во раскошниот
букет на македонската култура воопшто,
а на литературата и поезијата посебно.
Иван Котев
Афоризми
Драги пријатели на пишуваниот
збор, дами и господа!
Ве
поздравувам сите вас кои нè
удостоивте со вашето присуство на оваа
промоција што се одржува во вашиот убав
град.
Драги
пријатели!
Неколку
зборови за втората книга насловена како
„Афоризми“.
Афоризмот
како начин на изразување е присутен во
секојдневниот говор и ние го употребуваме,
без да бидеме свесни за тоа. Тој е сраснат
во нашиот јазик, но неговото литературно
обликување и употреба е привилегија на
поединци. Оваа кратка литературна форма
во последно време зема сè
поголем замав. Афоризмот можеме да го
дефинираме како езгровит, збиен исказ
со кој се соопштува некоја мисла, став,
начело или кога сакаме да дадеме некое
објаснување. Во афоризмот, покрај
книжевни, наоѓаме и филозофски нитки:
ем е убав за слушање, ем тера на
размислување. Зафаќајќи го животот во
сите негови манифестации, афоризмот е
литературен жанр пребогат со теми -
љубов, брак, политика, односи, карактери
итн. Во случајов имаме афоризми од три
тематски подрачја: живот,
среќа и љубов.
Буквалното
значење на поимот афоризам е „дефиниција“.
Со ова
форма на изразување се служеле многу
големи луѓе од сите профили. Оваа кратка
книжевна творба е плод на дарбата,
способноста за забележување, остроумноста
и стилските способности. Се смета дека
афоризмот за првпат го употребил
познатиот лекар и филозоф Хераклит од
Ефес (540-480 год. пред н.е.), во преминот од
V во
IV век, а можеби,
зошто не, и неговиот современик Конфучиј
(551-479 год. пред н.е.), кинески филозоф и
учител кој извршил силно влијание врз
кинеската и, воопшто, целата филозофска
и општетствена мисла на далекиот исток.
Неговиот живот и мисла се зачувани во
делата „Зборови
и мисли“.
Настанат
на полето на медицината, афоризмот, во
времето на ренесансата се користи во
физиологијата, земјоделието, правото,
политиката, филозофијата, уметноста -
со еден збор во сите сфери на животот.
Го употребувале многу големи луѓе,
почнувајќи од неговите творци, па со
генерациии великани какви што биле
Сенека, Волтер, Спиноиза, Сомерст Мом,
Винстон Черчил, Џибран, Гоце делчев и
сè
така спуштајќи се во народните низини
каде обичниот човек во секојдневниот
живот употребувал и употребува вистински
бисери од овој литературен жанр. Што е,
на пример, изразот НИ
ЛУК ЈАЛ, НИ НА ЛУК МИРИСАЛ, ако
не е еден прекрасен афоризам создаден
од народот, а ние го именуваме како
пословица.
Еве,
со ваква литературна форма на изразување
се зафатила и нашата Соња Ѓурчак која,
според тоа што го читаме во книгата,
длабоко навлегла во суштината на
афоризмот.
Иван
Котев