srijeda, 20. svibnja 2026.

ВО МОЛКОТ НА ВРЕМЕТО И ЈАЗИКОТ


ВО МОЛКОТ НА ВРЕМЕТО И ЈАЗИКОТ

Уште многу одамна се одело на печалба во туѓина, каде што и годините го криеле времето. Се плачело по далечината, а истовремено таа и се осудувала. Сето тоа денес можеби изгледа и несфатливо, затоа што во многу случаи било и сопствен избор, без надворешен притисок. Но зад тој избор често стоела немаштината, како најголемо оправдување за заминувањето. 

Се напуштале сопствените огништа кои и денес уште бледо и полека гасат,

Колку од сето тоа е вистина, јас лично не можам да проценувам, затоа што во тоа време не сум била ни родена. Но знам дека тоа оставило длабоки патеки кои постоеја и во моето време, патеки што и самата ги зедов.

Немо, готово слепо, заминавме во просторот во туѓината што беше скриена и непозната тајна, во која само мислите ги рашетувавме по полињата на непознатата земја.

Но не е сè црно во овие редови што ги пишувам сега.

Дојдовме во свет што беше непознат за нашите души. Топло и смело ја собиравме храброста да ја оствариме замислената идеја. Не ја нарекувам желба, затоа што тоа не беше секогаш сопствена желба, туку некако наметната потреба, за сите непозната, а само за избраните остварлива, да се замине длабоко во светот.

Но дали дојдовме овде, во молкот на времето, за да го заборавиме сопствениот јазик?

Со текот на времето, често не го научивме ниту јазикот што секојдневно нè опкружува овде. Дали треба да ни биде гордост да го оставиме заедно со молкот сопствениот јазик, а да не го совладаме ни оној во земјата каде што живееме?

На кој било крај од светот да сме, јазикот е неопходност.

Јазикот е потреба. Јазикот е богатство. Нема сабја, а сече како сабја. Но знае да биде и толку благ што и најтешката болка има моќ да ја излечи.

Да не останеме глувонеми во земјата што нè храни со леб, а лебот е благослов од Бога.

Будно и со почит, во длабочините на светот, да ги совладаме и другите јазици, но со уште подлабока почит кон Татковината која ни ги отвори вратите кон светот.

Да го шириме  зборот и словото од Бога, а тоа е богочовечката љубов.

И покрај сето ова, не треба да ги заборавиме нашите убавини: плодните почви, шумот на ветровите, повикот на планините, шумот на реките, таласите на езерата и сините морски води.

Да не ги заборавиме нашите културни богатства, уметноста,  песните, книгите, четивата од прво одделение. Да не ја заборавиме мајчината топла прегратка и првиот чекор кој беше толку несигурен да одма погледот бегаше во прегратките на мајчината утешна насмевка која даваше нова моќна сила за другиот чекор.

Да ја прегрнеме оваа богата наша оставнина што ни ја подари Господ и ја благослови оваа наша земја, наша мила Родина, наша Татковина.

На кого ќе му ги оставиме сите овие убавини ако сите заминеме во светот на молкот?

На кого ќе му ги оставиме песните, културата, традицијата, коренот од кој секојдневно отпаѓаат гранките на младоста?

 „Во молкот на времето и јазикот“ 

има нешто што не останува се во молк, остава глас што сака да сочува јазик, корен и спомен.

На кого ќе ги оставиме јазикот и писмото?

Кој ќе ја прочита песната Т'га за југ?

Соња Таировска Ѓурчак 

20.05. 2026 


 


Овој текст е,за напуштените огништа кои бледо и полека гасат...за времето во кое живееме денес за иселувањето,за јазикот,за корените и да се запрашаме,што оставаме за оние што доаѓаат после нас.








Nema komentara:

Objavi komentar