СТРЕДА ОСУМ И ТРИЕСЕТ
Кога времето ме сретна,
ги бришев патеките,
а чекорите ги криев
под стрелките на часовникот.
Дождот се лизга
по образите на времето
кое поминува измеѓу
ројот на мравките,
а разумот се ниша
по кривините на денот.
Ги канам зборовите и
барам одговор од спомените
кои ја промашија целта.
Го слушам осамениот глас
од далечината на мојот јазик
и плачот пред туѓо срце.
Ги слушам боговите
кои ја одредуваат судбината.
Зборот кој си игра,
како дете со ситен песок,
останува во бистрите реки,
а адресата се губи
во детските приказни.
Сеќавањата остануваат засекогаш
на првата адреса и истото време -
среда, осум и триесет.
Соња Таировскa Ѓурчак
17. 07.2019 Улм
Nema komentara:
Objavi komentar