МАКЕДОНКА СОВЕТУВА ЗА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА: Јазикот денес е на прво место, но треба и цврста желба
Објавено во: Економија
02 Август, 2017
Соња Таировска Ѓурчак, по потекло од велешко, но со долги години живот и работа во Германија зад себе објаснува како македонските работници полесно можат да се снајдат за вработување во оваа земја.
„Јазикот е денес на прво место. Има и други можности каде има и наш народ во прва рака да помогне што се однесува во самиот почеток. Друго, нашите млади денес сите од школски денови ги изучуваат англискиот и германскиот, така да јас не гледам потешкотии за нашите кои сакаат и имаат можности за вработување во странство. Би додала само: Каде и да се работи во било која држава, треба цврста желба како кон себе така и кон работата затоа што со работата го изградуваме нашиот секојдневен живот кој исто така е зависен од работата. Во денешно време е малку тешко не само за Македонци туку за секого и насекаде во светот, така барем се изјавува во медумите, но сепак јас почитувам едно правило ,,кој сака да работи може секаде,,. Било каде сè се започнува со ,,мало,, и за сè е потребно време, секоја семка фрлена во земја и треба време да никне, а и да порасне, затоа многу работи ги споредувам со природата која ни е огледало на нашиот живот. Во Германија може да работи секој Македонец ако ги има и ги задоволува критериумите на работодавецот со соодветна квалификација. Во сите поголеми градови понудата е и поголема за работа“ – објаснува Таировска Ѓурчак.
За тоа колку може да се заработи вели дека зависи од работната позиција, но Германија налага и високи трошоци за живот кои мора да се имаат в предвид. Сепак, смета дека трошоците зависат од самиот човек и од тоа каде и како сака да живее. Објаснува дека за час работа во земјата се исплаќаат по 8.50 евра, за што таа вели дека е мала сума.
„Јас лично сум многу против оваа мала сатница, не само што самата личност не може да излезе на крај со овие пари, туку ја загрозуваме и сета мрежа на системот кој можеби и неразмислувајќи го доведуваме во еден голем и длабок пад. Сите ние сочинуваме и сме градители на еден систем без разлика каде работиме и во која држава, да опстане државата и се потребни здрави и цврсти темели кои не се градат со ефтина рака или се искористува работната рака. Има и други работи кои ја намалија сатницата, тоа се извозот во сите држави со многу ефтина работна рака, за секоја држава ова е самоуништување. Се прашувам само дали е свесно или е несвесно. Како позначајни падови би ги издвоила овде здравството, пензионерските фондови и сите други фондови кои се исклучиво поддржани од сите вработени. Месечните расходи се многубројни, сè зависи од личноста каде и како сака да живее. За еден посолиден стан потребни му се најмалку 700 евра. Останатите трошоци не се под 500 евра, а овие трошоци можат да се намалат ако се сместува подалеку од градот во помали места, но со тоа се зголемуваат другите давачки при што е потребно и сопствено возило и секако времето потрошено на патување кое се скратува од слободното време“ – додава Таировска Ѓурчак.
Таа од 1973 година живее во Германија и е задоволна од квалитетот на живот кој таму го има. За себе вели дека работела на повеќе работни места, но секогаш се трудела совесно и одговорно да ја извршува својата работа.
„Познавање од германскиот јазик имав само еден единствен збот ГУТ, тоа беше сè. Но, сепак се до сега е навистина гут/добро. Работев на многу работни места од каде и собирав многу знаење како со јазикот така и со сите работи кои за мене беа многу нови, секаде имав голема одговорност, без разлика на моето познавање на јазикот, ги извршував моите секојдневни работи со многу самодоверливост која брзо беше забележана од работодавецот, каде стекнував и голема доверба“ – вели таа.
За Германија додава дека законите и работничките права се почитуваат што е во корист на работникот.
Сања Атанасовска
Nema komentara:
Objavi komentar