subota, 22. studenoga 2025.

ПОСЛЕДНАТА ЧАША ВОДА

 

ПОСЛЕДНАТА ЧАША ВОДА

Додека сонцето тивко се повлекуваше зад ридот, криејќи ја тишината на мојот живот, јас ги подавав рацете кон Бога — молејќи за прошка и за примање на еден дотраен, изморен, болен, речиси заборавен живот.

Тежината што ја носев не беше финансиска. Тоа беше онаа невидлива, најтешка тежина — тежината на љубовта која ја нема, на почитта што ја изгубивме, иако низ истите вени ни течеше истата крв, низ истата душа што ми плачеше, додека срцето ми се топеше од болка.

Кога вратата се отвори пред мојата одаја, во која непокретно лежев, веќе немав солзи. Гласот одамна ми се изгуби некаде во тишината на времето. Немав повеќе ниту зборови — а и да имав, не знаев на кого да ги кажам.

Тогаш твоите раце ми ја подадоа последната чаша вода. Да ми го освежи срцето за последен пат.

Да не дојдевте вие — сведоците на мојата тешка патнина, на мојата осамена душа што никој не ја разбра — ќе заминав во темнина. Наместо тоа, заминувам со светлина.

Пред да ја спакувам душата во последниот куфер од животот, сакам да ви се заблагодарам за сета ваша почит, за вашата вистинска, чиста и света љубов.

Ќе ја понесам и тагата од народот — да не именувам роднини — но знајте дека ова, денес, им се случува на милиони луѓе. А сето друго што го сметаме за важно, сите тие вини и сомнежи, остануваат тука. Некои дури се смеат, не знаејќи дека нивниот живот е изграден врз туѓа мака и пот.

Оваа последна чаша не беше полна само со вода. Таа беше полна со љубов — љубов благословена од Бога.

Јас го напоив моето срце за последен пат, а вие ја добивте најголемата Господова дарба: секогаш да бидете полни со Неговата чиста љубов, со радост во душата и со светата Божја сила во вас.

Со светлината — зашто со неа заминувам — ви ги испраќам моите последни зборови на голема благодарност.

А јас вечно ќе бидам со вас.
Вие ми бевте сè.

Вашата сакана,
ПАЦЕ

nedjelja, 2. studenoga 2025.

ЅВОНОТО ВО ДУШАТА

 

ЅВОНОТО ВО ДУШАТА

Ѕвоното кое далеку се слуша,
не е од камбанарија,
туку од тишината во тебе.

Одекнува меко,
како повик на духот
да се разбуди љубовта
во твоето срце.

По патеката на осаменоста
тече светлина,
ја мие болката
и ја претвора во мир.

Во полето на мислите
тишината цвета,
а секој татнеж станува молитва
што бара излез не надвор,
туку внатре
во просторот на душата,
каде времето се расплетува
во вечност.

Соња Таировска Ѓурчак

02. 11. 2025